Connect with us

Интервјуа

Интервју со Маја Кадиевска Војновиќ – вицегувернер на Народната банка на Република Македонија

Објавено

на

Разговараме со г-ѓа Маја Кадиевска – Војновиќ, вицегувернер на Народната банка на Република Македонија (НБРМ), одговорна за Секторот за операции на финансиски пазари и платни системи и е извршен член на Советот на НБРМ. Воедно, таа е претседател на Комитетот за инвестирање на девизните резерви и претседател на Комитетот за управување со активата и пасивата на НБРМ.

 

Војновиќ е магистер по економски науки. Основното и средното образование ги завршува во Скопје. Дипломирала на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, а магистриралана Универзитетот Шефилд каде се стекнува со МБА диплома од областа на финансиите. Својата професионална кариера ја започна во Народната банка на Република Македонија.

Во разговорот ќе дадеме краток осврт на моменталната состојба на банкарскиот сектор во Република Македонија и монетарната поставеност, случувањата на меѓународните финансиски пазари по референдумот за Брегзит и поставеноста на домшаните банки согласно стандардите и начелата на Европската Унија и меѓународните стандарди.

 

Банкарство: Неодамна НБРМ изврши корекција на предвидениот раст на кредити и депозити во надолна линија. Кои фактори најмногу придонесуваат кон ваквата промена и дали можеме да очекуваме дополнителни корекции до крaјот на годината ?

Маја Кадиевска ВојновиќНа почетокот од месец мај, Народната банка на Република Македонија ги објави најновите проекции за 2016 година и за 2017 година. Во основа, беа презентирани две сценарија од кои едното е основно сценарио, коешто претпоставува решение на политичката криза во втората половина на годината и второто е алтернативно сценарио, коешто препоставува дека истата ќе се пролонгира и до крајот на годината. Тогаш, екстерните претпоставки базираа на информациите дека еврозоната и воопшто земјите на Европската Унија (ЕУ) ќе бележат опоравување, односно не беше земена препоставката за брегзит и неговото влијание врз овие економии. И во основното и во алтернативното сценарио, нашата основна заложба како централна банка е инкорпорирана, а тоа е задржување на макроекономската стабилност, како основна придобивка како за бизнис – секторот, така и за сите граѓани во Република Македонија. Тоа значи, одржување на ниска и стабилна стапка на инфлација, одржување на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото и стабилен банкарски систем. Тогаш кажавме дека според основното сценарио кредитниот и депозитниот раст за оваа година ќе изнесуваат 6,8% и 6%, соодветно, што е успорена динамика во однос на 2015 година, но не во голем обем. Сепак, според алтернативното сценарио кое препоставува пролонгирана политичка криза и нејзино негативно влијание врз очекувањата на економските агенти, односно нејзино прелевање во пониска побарувачка и понуда на кредити, кредитниот раст би се свел на 3%, а при претрпен силен шок врз депозитната база и при забавен економски раст, депозитниот раст би се свел на 2,3%. Согласно со податоците од мај 2016 година, кредитниот раст изнесува 6,4% на годишна основа, додека депозитниот годишен раст се сведе на 3,7%. Најновите податоци од јуни се солидни и од аспект на кредитирањето на претпријатијата и од аспект на депозитите на населението. Сепак, вкупната стапка на кредитниот раст во јуни прикажува забавување во голем дел заради усогласувањето на банките со мерката на Народната банка, според којашто се вршат отписи на целосно резервираните побарувања над две години.

 

Банкарство: Во мај 2016 каматната стапка на благајничките записи „порасна” на 4% со образложение дека оваа Одлука е донесена со цел заштита на денарот. Состојбата со „недовербата” во денарот и повлекувањето на депозити сега е стабилизирана, дали реално можеме да очекуваме враќање на каматната стапка на 3,25% и во која временска рамка ?

Маја Кадиевска ВојновиќНа последната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на 12 јули беше заклучено дека економските, финансиските услови и оцената на постоечките ризици покажуваат дека постојната монетарна поставеност е соодветна. Последните податоци покажуваат значително стабилизирање на движењата по преземањето мерки од страна на НБРМ, но неизвесноста поврзана со домашните политички случувања и со глобалното окружување е сѐ уште присутна и дополнително нагласена по гласањето на Обединетото Кралство за излез од Европската Унија.

Зголемувањето на основната каматна стапка во мај, беше одговор на шокот во април. Имено, Народната банка реагираше како и секоја централна банка во светот при ваков тип на шпекулативен напад. Покрај интензивната комуникација со јавноста, обезбедивме девизна ликвидност на банките преку интервенции со девизните резерви и ја зголемивме основната каматна стапка. Покрај овие мерки, воведовме и други, како зголемување на стапката на задолжителната резерва за обврските на банките со девизна клаузула од 20% на 50% и повторно ги активиравме аукциите на девизни депозити. Така, по повеќе од две и пол години на одржување на историски најниско ниво на основната каматна стапка, на почетокот на мајистата беше зголемена за 0,75 процентни поени, како одговор на силната и од ден на ден галопирачка реакција на дел од населението за разорочување на денарските штедни влогови, потоа нивно претворање во девизи и влечење надвор од банкарскиот систем. Реакцијата со основната каматна стапка беше сигнал до пошироката јавност дека централната банка е спремна да ја затега монетарната политика доколку ваквата ситуација не се стабилизира, односно дека сме спремни со сите инструменти да ја заштитиме стабилноста на девизниот курс. За банките, сигналот беше да размислуваат за стабилизирање на својата депозитна база и за структурата на кредитирањето, особено на потрошувачката што креира увоз и девизен одлив. Сега, ситуацијата е стабилизирана, но е далеку од посакуваната состојба на раст на денарските депозити и продолжување на повеќегодишниот тренд на денаризација, со којшто се зголемува резистентноста на домашната економија на ваков тип на шокови.

 

Банкарство: Brexit веќе е реалност, Велика Британија ќе ја напушти ЕУ. Какви промени можеме да очекуваме во иднина на меѓународните пазари? Што ќе се случува со вредноста на валутите во наредниот период ?

Маја Кадиевска ВојновиќБрегзит беше изненадување како за политичките елити во ЕУ, така и за меѓународните финансиски пазари. Пазарните реакции на исходот од референдумот беа негативни, проследени со пад на вредноста на британската фунта во однос на еврото и во однос на САД – доларот (и тоа во однос на САД – доларот на најниско ниво во период од 31 година). Во исто време дојде до зајакнување на вредноста на САД-доларот во однос на еврото и на јапонскиот јен и швајцарскиот франк. На пазарите на државни хартии од вредност во евро-зоната беше забележана зголемена склоност за инвестирање во сигурни финансиски инструменти, што услови пад на приносите на хартиите од вредност на земјите од јадрото, додека приносите на државните хартии од вредност на периферните економии се зголемија. Зголемената одбивност кон ризик предизвика повисока понуда за поризичните инструменти, што доведе до пад на берзанските индекси и проширување на кредитните распони, а истовремено цената на златото порасна до ниво од околу 1.320,00 САД-долари/унца, односно се тргуваше по највисока цена за изминатите две години, додека цената на нафтата забележа пад до ниво од околу 47 САД-долари за барел. Ваквата состојба умерено се стабилизира во услови на согласност меѓуземјите членки на ЕУ дека Обединетото Kралство треба што поскоро да го активира член 50 од Договорот на ЕУ со којшто ќе биде објавена намерата за излез од унијата. Сепак, значаен дел од пазарните аналитичари сметаат дека курсот на британската фунта во наредниот период ќе биде под депрецијациски притисоци, заради политички застој во поглед на идните чекори, што може да доведе до воздржаност на инвестициите, потрошувачката и во крајна линија, до понизок раст на економијата, при проблеми со буџетскиот дефицит и дефицитот на тековната сметка. Во такви услови, Централната Банка на Англија може да ја намали основната каматна стапка дури до 0% (тековно е 0,5%), иако на одржаниот јулски состанок каматната стапка беше задржана на непроменето ниво. Овие движења во британската економија, претставуваат ризик за забавување на глобалниот раст, така што побарувачката на инвеститорите за државни обврзници, како нискоризични инструменти, би останала силна. Во наредниот период, се очекува постепено, но бавно, намалување на одбивноста кон преземање ризик, со повремено променливи пазарни движења и зголемена поддршка преку прилагодливите политики на глобалните централни банки, особено Европската централна банка (ЕЦБ), Банката на Јапонија и Банката на Англија.

 

Банкарство: Банките во Македонија не нудат кредити во други валути освен во МКД и ЕУР. Зошто е тоа така, имаат ли банките од што да се „плашат” поради што нивното портфолио не содржи ваков тип на производи ?

Маја Кадиевска ВојновиќБанките во РМ самостојно и согласно сосоодветната регулатива на НБРМ успешно управуваат со валутниот ризик. Тоа значи дека ја усогласуваат валутната структура на активата со валутната структура на пасивата, што ги штити од изложеност на валутен ризик. Поконкретно, основен извор на финансирање на банките во РМ се депозитите на населението, коишто се во денари и во евра, согласно на тоа и во активата на банките, кредитирањето е во денари и во евра. Обемот на кредити коишто домашните банки ги земаат од мајките банки е незначителен споредено со други земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Ниската изложеност на евтини странски кредити од страна на домашните банки, особено во швајцарски франци, беше и основниот штитник при апрецијација на оваа валута, што не беше случај кај некои земји од соседството и пошироко кај коишто, загубите од кредитокорисниците беа пренесени на товар на банките.

 

Банкарство: Какви се очекувањата на НБРМ за развојот на банкарскиот сектор во Македонија? Очекувате ли во блиска иднина (наредни 2 до 3 години) да се случи продажба на некоја банка или окрупнувања на банкарскиот сектор преку меѓусебно преземање на банките?

Маја Кадиевска ВојновиќНародната банка веќе подолг период укажува на тоа дека е потребно да дојде до окрупнување на банкарскиот систем. Во изминатите неколку години имаше две спојувања на банки и едно преземање на банка, но и понатаму постои простор за натамошни спојувања се со цел за зголемување на ефикасноста на банкарскиот систем. Сепак, по големата светска криза, во глобални рамки постои обратна тенденција и тоа на намалување на изложеноста на глобалните банки во земјите во развој и пошироко. Конкретно, домашните банкарски ситеми во земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа беа и се под притисок на раздолжување (deleveraging) кон мајките банки, што влијае врз нивната кредитна активност, а со тоа и врз економскиот раст.

 

Банкарство: Со влезот на Македонија во ЕУ, нема да ни бидат на располагање постоечките механизми за заштита на курсот на денарот. Дали НБРМ има стратегија која би ја применила пред и за време на пристапувањето на Македонија во ЕУ со цел зачувување на курсот на денарот ?

Маја Кадиевска ВојновиќВлезот на РМ во ЕУ не значи дека нема да имаме самостојна монетарна политика. Стабилниот курс на денарот во однос на еврото и понатаму ќе остане, а НБРМ на располагање ќе ги има сите монетарни инструменти коишто и во овој момент се компатибилни на монетарниот инструментариум којшто постои во Системот на европски централни банки. Уште повеќе, стабилниот курс на денарот во однос на еврото е еден од предусловите за влез во еврозоната, во заедничката монетарна унија, каде што монетарната политика се води од страна на Европската централна банка (ЕЦБ). Значи, нашиот пат е прво членка на ЕУ, па потоа членка на еврозоната, односно со еврото како наша национална валута.

 

Банкарство: Со какви предизвици ќе се соочува НБРМ во поглед на развојот на банкарскиот систем во Македонија, при интеграцијата на меѓународните правила и процедури за работа на домашните банки со меѓународните банки, примената на SEPA стандардите и останатите европски регулативи ?

Маја Кадиевска ВојновиќНародната банка во континуитет презема чекори за усогласување како на сопствената институционална поставеност, така и на регулативата по којашто работат домашните банки, со стандардите и начелата на Европската Унија и меѓународните страндарди. Супервизијата на Народната банка во континуитет го прилагодува своето работење согласно со меѓународната регулатива, а домашната регулатива е услогласена со Базел 2 и во подготовка е усогласување со Базел 3 и одредени регулативи и директиви на ЕУ. Воедно, како резултат на напорите на регионалната група на супервизорите од неколку земји членки на „Западен Балкан“, којашто е воспоставена во рамките на т.н. Виенска иницијатива, во октомври 2015 година беше склучен Меморандум за соработка помеѓу Европскиот банкарски орган и супервизорските органи на шесте земји од Југоисточна Европа. Со потпишувањето на овој меморандум се признаваат напорите во овие земји за унапредување и зајакнување на банкарската супервизија и регулатива и нивно приближување кон стандардите и практиките присутни во Европската Унија, а во исто време, се воспоставува и рамка за соработка и размена на информации со Европскиот банкарски орган, се олеснува учеството на супервизорските органи во супервизијата на банкарските групи од Европската Унија присутни во овие земји и се зголемуваат и можностите за натамошно јакнење на капацитетот на супервизијата.

Во однос на регулативата којашто го покрива домашниот платен промет, неодамна беше завршен проектот финансиран со инструментот за претпристапна помош на Европската Унија (IPA) преку кој се подготви нов нацрт – закон за платежни услуги и системи, во кој се вградија три директиви на ЕУ и тоа: директивата за платежни услуги на внатрешниот пазар, директивата за конечност на порамнувањата и директивата за електронски пари. Преку изработка на овој нов нацрт – закон треба да се обезбеди зајакнување на правата на корисниците на платежните услуги, пониски цени на платежните услуги, поттикнување на конкуренцијата, зголемување на финансиската вклученост и поголема достапност на платежните услугиза потрошувачите и компаниите, понатамошно подобрување на стабилноста на системите за плаќање, консолидирање на важечките прописи тековно опфатени во повеќе акти, и последно, но најзначајно, воспоставување правна основа за побрза интеграција на Република Македонија во ЕУ и вклучување во Единствената европска платежна област (СЕПА).

 

Банкарство: За крај, дали сметате дека медиумите играат значајна улога при креирањето на глобалната слика во Македонија поврзана со сигурноста на депозитите и воопшто банкарскиот систем? Која е нивната улога како финансиски советник на граѓаните во Македонија и кои се Вашите совети за нив во иднина како стручно лице од областа на банкарството ?

Маја Кадиевска Војновиќ: Мојот личен став е дека медиумите во РМ, како секаде во светот, се значаен фактор во креирање на јавното мислење. Доколку нивната работа се базира на факти и длабинска економска анализа, граѓаните ќе имаат бенефит од тоа. Во медиумите, треба да има дебата, но таа треба да биде конструктивна и со спротивставени проверени аргументи. Но, доколку информациите се погрешни, несоодветно пренесени или пак преправени, тогаш тоа е опасност за сите. Така и за сигурноста на банкарскиот систем и стабилноста на девизниот курс. Ова уште повеќе што населението во РМ, како и во сите балкански држави е склоно кон брза реакција поттикната од сеќавањето за минатото поврзано со периодот од распадот на југословенската федерација кога имаше висока инфлација, нестабилност на девизниот курс, распад на банкарскиот систем и замрзнати штедни влогови. Така, јавните повици за повлекување на депозитите, преку современите начини на комуникација – фејсбук, твитер и преку пишувањата на интернет – порталите дека банкарскиот систем и девизниот курс се под знак прашалник, не беа во корист на никого. Истите не се базираа на фундаментална анализа, на пример, дали банките се различни од тоа време, дали имаат капацитет да се справат со шокот, дали имаат ликвидност и солвентност? Дали НБРМ има доволно девизни резерви и инструменти да се справи со шок? Дали имаме нерамнотежи во економијата? Каква е екстерната позиција на РМ? Дали дефицитот во тековната сметка е висок или низок и дали е одржливо неговото финансирање? Дали изложеноста на банките во државата, преку купувањата на државни хартии од вредност е висока или ниска? Дали постои ликвиден секундарен пазар за нивно тргување?

Успешноста во справувањето со шокот е доказ дека имало одговор на овие прашања. Затоа, во иднина сите ние, вклучително и медиумите, треба да анализираме прво, па потоа да дадеме одговор.

 

Кратка биографија на г-ѓа Маја Кадиевска – Војновиќ, вицегувернер на Народната банка на Република Македонија:

Г-ѓа Маја Кадиевска-Војновиќe вицегувернер на Народната банка на Република Македонија, одговорна за Секторот за операции на финансиски пазари и платни системи и е извршен член на Советот на НБРМ. Исто така, таа е претседател на Комитетот за инвестирање на девизните резерви и претседател на Комитетот за управување со активата и пасивата на НБРМ.

Г-ѓа Маја Кадиевска Војновиќ е магистер по економски науки. Основното и средното образование ги завршува во Скопје. Дипломирала на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, а магистриралана Универзитетот Шефилд каде се стекнува со МБА диплома од областа на финансиите. Својата професионална кариера ја започна во Народната банка на Република Македонија. Во своето четиринаесетгодишно работно искуство, девет години беше дел од Дирекцијата за монетарна политика и истражувања.

Својата кариера ја започна како помлад истражувач, а потоа беше унапредена во советник-аналитичар, главно инволвирана во областа на монетарната, но и на фискалната политика.Учествуваше во процесот на подготовката на проекциите на БДП, инфлацијата и билансот на плаќања, активно учествуваше во креирањето на насоките за поставеноста на монетарната политика, изработката на редовните извештаи на НБРМ и во дискусиите со ММФ и агенциите за кредитниот рејтинг.Нејзината кариера е богата со разни научно-истражувачки проекти. Се јавува како автор и ко-автор на над 10 стручни и научни трудови во областа на фискалната политика, макроекономските трендови поврзани со секторот „население“, инвестициската активност во РМ, анализата на надворешната позиција на економијата, надворешната солвентност и адекватноста на девизните резерви на РМ. Во својата професионална кариера, г-ѓа Маја Кадиевска-Војновиќпосетила над 15 стручни обуки во форма на курсеви, семинари и работилници од областа на макроекономијата и финансиите и учествувала,како панелист и учесник, на повеќе од 35 меѓународни научни и стручни конференции, работилниции симпозиуми, организирани од релевантни меѓународни организации, централни банки, меѓународни финансиски институции и други стручни организации, како што сеМеѓународниот Монетарен Фонд, Системот на федерални резерви на САД, централните банки на Англија, Швајцарија и други земји од Европа, Азија и од регионот, Европската централна банка, Светска банка, Банката за меѓународни порамнувања, ЕБОРи други. Надвор од професионалната кариера во Народната банка на Република Македонија,г-ѓа Маја Кадиевска – Војновиќ во 2011 година беше претседател на Комисијата за решавање по жалби од областа на пазарот на хартии од вредност и гостин-предавач по макроекономија на еден приватен факултет во Скопје.

 

Анализи

TEst

Објавено

на

REGOLAMENTO_FIFA
Продолжи со читање

Останато

Facebook и Google добија дозвола да се однесуваат како банки

Објавено

на

certificate_00745-1571577

TO OTHER

Почнувајќи од 13 јануари, деветте најголеми банки во Велија Британија кои ги опслужуваат најголемиот дел од граѓаните, повеќе нема да имаат монопол при реализацијата на финансиските трансакции во државата.

(more…)

Продолжи со читање

Останато

Измени на Законот за кредитно биро!

Објавено

на

Кредитното биро да изготвува извештаи за кредитната способност на кредитобарателот се предвидува со измените на Законот за кредитно биро за што е почната постапка за подготовка на Предлог закон што треба да заврши до 13 февруари 2018 година.

(more…)

Продолжи со читање

Популарно

Error occured while retrieving the facebook feed

Copyright © 2018 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange